Историјат на директори

Кузманоски
Стојан

Првиот директор на ОУ Блаже Конески - Прилеп

Роден во: 1929 година

Првиот директор на училиштето е Стојан Кузманоски, роден во 1929 год. со завршен ПМФ. Целиот работниот век го минал во образование, а пред доаѓањето на функцијата директор во ова училиште бил секретар на Секретаријатот за општествени дејности и општа управа и член на Извршниот совет на Општина Прилеп. По завршувањето на функцијата бил предложен и прифатил да ја организира целокупната работа околу отпочнувањето со работа на новоизграденото училиште во населба Точила, такашто во периодот мај-септември 1986 год. макотрпно работеше за доизградба на училишната зграда, формирање на стручен тим и донесување на сите правни акти за да училиштето функционира како правно лице. Тој го понесе теретот околу пуштањето во употреба на зградата при што во август месец беа создадени сите услови за прием на наставен кадар, за нормално отпочнување со работа во учебната 1986/87 година. Заедно со наставниот и административно-техничкиот кадар се работеше со огромен ентузијазам и се успеа навремено отпочнување со работа, односно со реализирање на поставените цели. Благодарение на залагањето на сите вработени кои тимски работеле со задоволство ја прифатиле новината да работат кабинетски и дале голем придонес во набавката и прибирањето на наставните средства и помагала се во функција на подобрување на квалитетот на наставата.

Денот што никогаш нема да го заборавам и еден од најубавите спомени во мојот живот е 1.09.1986 год. денот кога беше свечено пуштено и отпочна со работа училиштето. Учениците и вработените беа почестени со присуство на голем број на гости од општината и Републиката. Како резултат на ангажманот на наставен кадар во првата учебна година на училиштето ние по успех бевме втори на ниво на Општина што наговестуваше успешно да се продолжи со работа, а со постигнатиот успех, училиштето секогаш да биде меѓу првите во Општината.

Сега сум пензионер и секогаш со задоволство се навраќам во училиштето и се радувам на секој постигнат успех.

Николоски
Благоја

Директор од 1987 до 1993 година

Роден во: 1936 година

Роден е во 1936 год., а во училиштето на функцијата директор доаѓа во 1987 година, и на функцијата останува до 1993 година. Тоа е период кога училиштето го добива името „Јосип Броз Тито”, кога се променија општествено-економските прилики во државата, што имаше и рефлексија во работата на училиштето. Тоа беше период кога се почнаа промените во однос на присуството и учеството на родителите во работата на училиштето, кога училиштето користејќи ги просторните и техничките услови се трудеше да ги задржи во континуитет водечки места во постигања на знаења на учениците, а особено беше ставен акцент на работата на слободните ученички активности такашто на Детските смотри на ниво на општина четири години по ред училиштето го освои 1 место.Исто така училиштето со учество на ученици на регионални и републички натпревари кога беа освојувани 1,2 и трети места такашто напорот да се одржи водечкиот примат беше оправдан.

Николоски
Кирил

Директор од 1993 до 1998 година

Директор од 1993 до 1998 година. период кога училиштето се карактеризира со работа со зголемен број на ученици ,такашто бројката што се искачи до 1700 ученици организирани во 60 паралелки, што ја отежнува работата , и организацијата на наставата, така што се работи и во три смени во одделенска настава.

Ова е период и кога се направија инфраструктурни зафати, кои пред се беа наменети за подобрување на наставата по физичко образование. Имено, немањето фискултурна сала во училиштето што е можеби најголемиот хендикеп, беше ублажено со изградба со самофинансирање на ракометно игралиште во дворот на училиштето . Во училишната зграда што се наоѓа во населбата Варош беше решен проблемот со иградба на санитарни чворови, приклучување во канализационата мрежа на градот, а беше реконструиран и ходникот во училиштето со што во многу се придонесе за подобрување на условите за работа. Во 1996год. со самофинансирање, беа обезбедени 12 компјутери, со што се создадоа најдобри услови во градот за изведување на настава по предметот информатика. Особено се работеше на соработката со локалната средина, училиштето се отвори за соработка со родителите, така што ова беа првите чекори на приближување на родителот до училиштето заради создавање партнерски однос во кој добивката би била взаемна : постигнување на трајни знаења на учениците.Особено треба да се нагласи дека интензивно се работи на презентирање на постигнатите резултати преку училишните приредби, што е традиција која се негува и ден денес.

Апостолоска
Анка

Директор од 1999 до 2003 година

Во периодот од 1999 до 2003 година , со училиштето раководеше Анка Апостолоска , денес наставник по предметот англиски јазик. Во текот на нејзиниот мандат, училиштето беше вклучено во многу проекти во организација на БРО, што доведе до многу промени кои беа во функција на подобрување и осовременување на воспитно образовниот процес.

Вклучувањето на наставниот кадар во проектните активности значеше нов поттик за користење на нови образовни технологии кои на училиштето му овозможија да го задржи приматот на едно од најуспешните училишта во Општината.

Направени беа и успешно спроведени првите чекори во тимската настава, особено се стави акцент на интеграцијата на наставни содржини по различни предмети во предметна настава, што стана пракса и денес успешно се спроведува.

За забележување е дека во овој период почна поголема соработка со родителите изразена преку работата на Советот на родители. Ова партнерско тело на училиштето уште од самиот почеток се зафати со сериозна работа, такашто даде голем допринос во планирањето и организирањето на голем број активности кои ја подобруваа како работата на училиштето така и соработката со локалната средина.

Голема придобивка за училиштето во овој период е соработката со Мировниот корпус на САД, кој овозможи присуство на доброволец, Шери Милсап, со чија помош училиштето се здоби со нови компјутери и донација за Интернет врска, преку проектот „Schools online”.

За успешна работа на училиштето тимски се работеше со стручните соработници и се соработуваше со БРО, МОН, Локалната самоуправа.

Ова е период кога училиштето се подготви за сите промени кои се во насока на прифаќање на случувањата на модернизација на образованието, а како дел од колективот оваа наставничка со својата совесна работа и понатаму помага да бидеме што поуспешни.

Мојсоска
Весна

Директор од 1998 до 1999 година и од 2003 до 2008

Во училиштето работам од 1987 година , така што мојот работен век е поврзан со растежот на училиштето. Функцијата директор ја обавував во периодот 1998-1999 година, и од 2003 па до сега.

Приоритет на мојата работа е низ соработка со директорите кои функцијата ја вршеа пред мене , со огромна поддршка од стручните соработници и наставничкиот колегиум да ја подобриме работата на училиштето со цел добивање квалитетни и трајни знаења кај учениците. Особено акцент е ставен на подобрување на работата на стручните активи, подобрување на планирањето преку интеграција на наставни содржини со цел да се изнајде начин да се осовремени наставата, што од друга страна е и приоритет на Министерството за образование и наука , со вклучување на училиштата во Проектот- Модернизација во образованието.

Во наредниот период ќе се работи на реализација на потребите за едукација на наставниот кадар зацртани со Развојниот план на училиштето, што е резултат на работата на целиот наставен кадар особено на стручните соработници, педагогот и психологот во училиштето кои успешно и професионално одговорија на улогата на координатори во овој проект. Треба да се нагласи соработката со Советот на родители и моите заложби таа да се продлабочи бидејќи имаме заедничка цел, подигнување на личности кои ќе го понесат теретот на издигањето на нашата држава, заради што приоритет во годишните програми за работа на училиштето е соработката со локалната средина. Во овој контекст би ја нагласила и соработката со Училишниот одбор, со кој во согласност со законските одредби водиме грижа за издигањето на училиштето.