НА ПРИЈАТЕЛИТЕ

Со вас се крепев.
Тука сме. При крајот.
Па сега ли да ве потурнам,
на работ,
заради маните,
заради грешките,
за се што излегло неубаво?
Не!
Јас ви проштевам
секоја слабост
и притвореност,
дури пресметливост,
дури изневера,-
за да си простам и самиот себе
за една мера на човечка љубов.

Блаже Конески

На христијанскиот празник „Св. Никола”, 19.12.1921год. во село Небрегово, Прилепско, во семејството на Ордан и Ѕака Конески се родил Блаже Конески, поет, раскажувач, есеист, славист, книжевник, историчар, преведувач.

Првото одделение Блаже Конески го завршил во с. Небрегово, а потоа се преселиле во Прилеп, каде го продолжил второ одделение и завршил полуматура. Во 1935 год. Конески, образованието го продолжил на вишата гимназија во Крагуевац, како стипендист.

Таму со други соработници го уредувал списанието „Подмладок” и објавувал свои прилози.

По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, Блаже Конески по желба на родителите , но и под влијание на другарите Коле Чашуле, Борка Талески, Киро Хаџивасилев, се запишал на Медицинскиот факултет во Белград. Но љубовта кон литературата и влијанието на Милорад Најдановиќ, ќе придонесат Блаже Конески да ги напушти студиите по медицина и да се ориентира на славистика.

Поради распламтувањето на Втората светска војна, 1941-та, Конески го напуштил Белград и студиите на славистика ги продолжил во Софија.

Со првото бомбардирање на Софија, 1943год., Универзитетот бил затворен и Конески се вратил во Прилеп.

По дипломирањето, 1944 год. , Блаже Конески бил задолжен да работи врз македонскиот јазик во Горно Врановци. Конески изјавува:

„Работата врз македонскиот јазик во Горно Врановци беше сконцентрирана пред се во таканареченото преведувачко одделение при Агитроп на ЦК на КПМ. Задачата да се организира едно такво одделение , ми беше дадена мене од страна на Агтропот , другарката Веселинка Малинска. Таа група требаше да ги снабдува со преведени текстови постојаните периодични изданија, да подготвува објавување на прогласи, летоци, брошури. Во одделението беше редактиран и првиот број на весникот „Нова Македонија“. Јас им давав инструкции на преведувачите и вршев коректура на нивните преводи“

Во годините што следуваат Блаже Конески со своите соработници ги става темелите и ја гради научната градба на Македонија.

  • 1944 год. член во Комисијата за кодификација на македонскиот јазик.
  • 1945 год. Конески учествува во оформувањето, создавањето на Друштвото на писателите и уметниците во Скопје. Есента 1945 год. Друштвото го издава списанието „Нов ден”.
  • 1946 год. Конески е член во групата што прави подготовки за отворање на Филолошкиот факултет во Скопје. Конески со Крум Тошев се одбрани за предавачи по македонски јазик.
  • 1950 год. Блаже Конески со Крум Тошев го изработија Македонскиот правопис со правописен речник со асистенција на Божо Видоески и Рада Угринова.
  • 1952/54 год. Блаже Конески го издава големиот труд Граматика на македонскиот литературен јазик во два дела
  • 1953 год. Конески го формира Институтот за македонски јазик „Крсте Петков- Мисирков”.
  • 1961/65/66 год. Блаже Конески го издава речникот на македонскиот јазик и литература со асистентите: Димитровски, Корубин, Стаматоски.
  • 1964 год. на заседанието на Друштвото за македонски јазик Блаже Конески поднесол реферат под наслов „Афирмацијата на македонскиот јазик”, со што придонесол во афирмацијата на македонскиот јазик во светот.
  • 1965 год. Блаже Конески го издава трудот „Историја на македонскиот јазик”.
  • 1967 год. Конески ја формира Македонската академија на науки и уметности ,МАНУ, во чие членство влегуваат Х. Поленаковиќ, Ксенте Богоев, а Блаже Конески е избран за прв претседател (на МАНУ)

Поезијата е вечна придружничка на Конески и таа ја дели неговата судбина. Поезијата на Конески претставува длабок и сугестивен израз на неговиот и на човековиот поминок низ светот и векот.

1948 год. ја објавува стихозбирката „Земјата и љубовта“, со која го најавува својот нагорен подем во литературата.

Оваа книга на Конески заедно со антологиската песна „Тешкото“, ќе се здобијат со митска сила.

Зашто во тие зурли и тапани, во тој писок и р’знувањето како да се збрани сите македонски крвави солзи, сите македонски црни клетви, сите лути рани, сите пламнати ноќи, сите болки и пеплишта пусти.

„... И душата чиниш на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета-....“

Конески ни кажува дека ова најмакедонско од сите македонски ора се игра на сцената од македонската историја

Со прочуените песни /поеми : „Болен Дојчин“, „Одземање на силата“, „Стерна“, „Марков манастир“, „Кале“, „Песјо Брце“, Блаже Конески го означува раѓањето на една нова патека, имагинација во чие средиште е синтезата на митот и реалното.

Конески изјавува:

„Поетот како некаков сеизмограф го бележи она што го окупира во моментот , што го возбудува и тоа се ниже, се добива еден квантум на текстови што можат да бидат објавени во збирка. Така се создаваат збирките со поезија и раскази: „Песни”, 1953, „Везилка”, 1955, „Лозје”,1955, „Песни”, 1963, „Стерна”, 1966, „Ракување”, 1969, „Записи”; 1974, „Стари и нови песни”, 1979, „Места и мигови”, 1981, „Чешмите”, 1984, „Послание”, 1988, „Црква”, 1989, „Златоврв”, 1989, „Сеизмограф”, 1989, „Небесна рака”, 1991, „Светот на легендата и песната”, 1993, „Црн овен”, 1993.

Конески за своето научно и литературно дела е овенчан со наградите: „11 Октомври”, „Браќа Миладиновци”, „Ацо Шопов”, „Хердерова”, „Његошева”, „АВНОЈ”, „Златен венец” на струшките вечери на поезијата, „Скендер Куленовиќ” на Сојузот на писатели на СССР, за книжевен опус на „Мисла”, „Рациново признание”, „13 Ноември”.

На 7 декември 1993 год. Блаже Конески само физички не напушти.

За Блаже Конески рекоа:

„Дај Боже, барем на секои сто години да ни се раѓа Блаже Конески “
Петре М. Андреески

„Две големи личности го одбележаа ХХ век: на почетокот на векот Крсте Мисирков, а во втората половина од векот Блаже Конески “
Марија Коробар-Белчева

„Блаже Конески е стожерна личност , бидејќи во тој физички мал човек, се најдоа и си подадоа рака и лингвистот и филологот балканистот и славистот, универзитетскиот професор и долгогодишниот педагог, книжевниот творец: поет и прозаист.“
Милан Ѓурчинов

„Првиот пат го сретнав во 1959год. во големиот аудиториум на Варшавскиот Универзитет.

Собрани по повод јубилејот на Универзитетот , неколку десетици ректори од други универзитети, облечени во разни ректорски тоги со круна и златни синџири, се редеа на говорницата со поздрави и подароци.

Само двајца од нив беа во обични цивилни облеки: ректорот од Пекинг и ректорот од Скопскиот универзитет- Блаже Конески . Во тоа шарено сценарио Блаже Конески го здогледав како млад човек , не многу крупен, во црна облека , со спокоен и не толку силен глас, со голема вкоричена подврзница во рацете. Тогаш си помислив: „Владек пред тебе е историјата. Ја гледаш живата историја, еден македонски Вук Караџиќ, стои пред тебе“
Влаѓимјеж Планка, Полска

„Ќе започнам со 9-та биенална американска конференција за балканистите, што се одржа од 7-9 април 1994 год. на Универзитетот Индијана во Блумингтон.

Во 1992 год. добив покана за учество на оваа конференција, а дознав дека и професорот Блаже Конески бил почесно поканет, но поради нарушената здравствена состојба, ја одбил поканата. Кога оваа балканистичка средба започна, Блаже Конески беше веќе починат.

На свешеното отворање на кое учествуваа американски и други светски балканисти, бев изненедена од почитта што му беше укажана на нашиот починат Блаже Конески. Резимеата од рефератите беа отпечатени во поголем зборник, а на насловната страна беше втиснат портретот на Блаже Конески и Индијана, Универзитет Блумингтон, Индијана 7-9 април 1994 год. Ин мемориам Блаже Конески .

Познатиот американски балканист Ерик Хемпво својот пленарен реферат одржа свечена реч за академикот Блаже Конески пред научниот аудиториум:

„Сакам прво да ја искажам својата длабока жалост што меѓу нас го нема веќе драгиот Блаже Конески .

Беше првиот меѓу балканистите.

Многу го почитував. Секогаш се засатапуваше за една чиста балканистика, без никакви пристрасности. За мене останува важно неговото целокупно дело“

На 8 април Организациониот одбор предвиде посебен судир на Конференцијата, посветен на делотона Блаже Конески . Во него зедоа збор балканистите: Виктор Фридман, Бил Дарден, Кристина Крамер, Ранел Александер и др.“

Димензиите на Блаже Конески во светот
Вера Стојческа-Антиќ