За Училиштето

Камен темелникот на училшната зграда беше поставен на 1 Мај 1985 год. од страна на Претседателот на Извршниот одбор на Општинската самоуправна интересна заедница (СИЗ) за образование и наука Јакимоска Марија.

Главен инвеститор за изградбата на ова училиште е СИЗ за образование и наука, а во изградбата на првата фаза од училишниот комплекс учествуваа: градежната организација „Прилепец”, „Димче Мирчески – Бањарот”- Прилеп за електричната инсталација, РО „Дуга” за водоводна канализација и парно греење и РО „Металец”-Прилеп за метална конструкција.

 

Од свеченоста по повод пуштањето во употреба на зградата на училиштето на 9.09.1986

Првата средба на наставниот кадар е одржана во петок на 26.08.1986 год. во просториите на кабинетот по македонски јазик (сега музичко образование).

Наставнички совет во учебната 1986/87 година

Составен дел на ОУ „Блаже Конески“ е и училиштето лоцирано во населбата Варош, кое има богато минато.

Проучувајќи го историјатот на зградата во населбата во Варош како составен дел од О.У. „Блаже Конески” се дојде до многу интересни и пред се фасцинантни податоци. Истражувањето се одвиваше одреден временски период притоа консултирајќи се со литература од повеќе автори и контакти со постари жители кои имале некакво сознание за училиштето и неговата зграда. Затоа посебна благодарност до нив од моја страна и од страна на сите вработени во училиштето.

Според некои пишани проверени сознанија просветна световно–келијска дејност во с. Варош постоело уште во 16–17 век. Тоа било од приватен тип. Исто така е познато и училиштето, едно од најстарите од 1778 год.со неговиот учител Хаџи Христо.

Според други сознанија прибрани и заведени од нашиот познат просветител Кузман Шапкарев ни го соопштува и бројот на учениците во училиштето во с. Вароши тоа од 1871/72 ( учебна година ). Според нив во Варошкото училиште таа учебна година имало 20-30 ученици . Во овие податоци од табелата се гледа под број 14. Варош дека имало 1 народно училиште со еден учител за 1 и 2 одделение и со запишани 68 ученици од кои на крајот останале 47.

Во учебната 1897/98 во Варош работат 3 учители. Тогаш за прв пат се спомнува дека запишани биле 45 женски ученици , најмногу во цела Прилепска околина.

Во наредните години 1900/901 според годишните извештаи од училиштето во с.Варош имало 4 учители.

Во наредната 1901/02 год. Варошкото училиште работело во двокатна зграда ( приземје и кат ) со 8 училници ( по 4 на кат ) каде било сместено и забавиштето. Дадени се дури и предметите кои се изучувале: 11 на број: 1. Закон божји 2. Славјански прочит 3. Наш јазик 4. Сметање 5. Геометриско цртање 6 . Отечествоведение 7 . Естетвоведение 8. Убаво пишување 9. Пеење 10.Гимнастика 11. Рачна работа.

Во 1903/04 год. според извештаите во Варош имало 4 учители.( еден од Прилеп и 3 од Варош ) Бројот на учениците варирал и се зголемувал се до 1911/12 год. до почетокот на Балканските војни, па и за време на 1 светска војна.

Во овој контекст би спомналe дека со започнување на работата на ова народно училиште од 1894/95 год.( учебна година во Варош започнало со работа забавиштето) Во него се спомнуваат 27 машки и 3 женски ученика, вкупно 30 , кои се запишани во таа учебна година.

Бројот од година во година варира од 20-30 ученици. Нив ги учеле истите учители од редовната настава. Карактеристична е возраста на учениците запишани во забавишните групи од 5 или помали од 5 години , но некогаш и возрасни деца посетувале забавиште. На учениците од забавиштето им предавале подобрите ученици од повозрасните постарите учители, бидејќи немало учителки.

Во периодот по 1 Светскса војна па до 1941 год. училиштето во с.Варош се продолжува со работа според тогашните закони.

По Втората светска војна училиштето ја продолжува својата активност се до влегувањето во состав најпрво во почетокот на 70 тите год. на минатиот век во состав на О.У „Климент Охридски“, за во 1986 год.да влезе во состав на О.У.„ Блаже Конески “, каде работи како посебна училишна зграда до ден денес. Со 4 одд. наставници, 1 наставник во подготвит.група, 4 училници за одделенска настава, 1 за подготвит.група со 100 ученици.