Четврто место за прилепското ОУ Блаже Конески на натпревар во Шведска

09 Јуни 2012

Прилепското Основно училиште Блаже Конески со неговата апликација на тема ,,Господ ја дал водата за одговорно да се троши,, го освои високото 4-то место во конкуренција на 12 аплицирани проекти од САД, Русија, Бразил, Хрватска, Кина, Велика Британија, Фиџи, Танзанија, Турција, Парагвај и Египет на годинашниот 12-тти по ред натпревар Волво Авантура. Откако кон крајот на март беше објавена финалната листа стручното жири на завршниот избор во Гетеборг реши првото место и наградата од 10.000 долари да ги додели на проектот од Парагвај, второто место и наградата од 6.000 долари за Бразил а третото и 4.000 долари на проект од САД.

Всушност се работи за образовна програма на Шведската компанија Волво која се реализира во соработка со програмата за заштита на животата средина на Обединетите нации која ги наградува еколошките активности во процесот на донесување на одлуки за иднината. Проектот на учениците Филип Ѓорѓиоски, Симона Наумоска и Бојан Димески, како најдобар меѓу 9-тте пристигнати од Македонија, се однесува на заштеда на водата за пиење и нејзина замена со техничка за полевање на големата зелена тревна површина како и во училишните тоалети, со што месечните сметки од 60.000 се сведени на 5.000 денари.

Според директорката Марија Дулеска високото освоено 4 то место за О.У Блаже Конески на светскиот натпревар во Шведска со проект за заштеда на питка вода е одличен резултат а самото учество на доделувањето на наградите е искористено за одлична промоција на Општина Прилеп во сите држави низ цел свет со поделените рекламни материјали како и промоција на македонската култура и национална кујна.

На истиот натпревар во 2008 година тим од 4 прилепски средношколци за проектот ,,Последните биволи од Македонија,, кој се однесуваше на сочувување и опстанок на биволите во селото Дебреште, Општина Долнени, ја освои втората награда во висина од 6.000 долари.