Во светот на 21 февруари се одбележува меѓународниот Ден на мајчиниот јазик, Целта на одбележувањето е да се промовира јазичната култура и разновидност, како и повеќејазичностa. Назначен е како таков од страна на членките на Организацијата на ОН за образование, наука и култура – УНЕСКО, во 1999 на 30-тата сесија на Генералната конференција, значи пред точно 21 година. Наредната година беше промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност. Всушност иницијативата е произлезена во спомен на студентите од Дака денешен Бангладеш, кои на 21 февруари 1952 година се убиени бидејќи протестирале и барале нивниот мајчин јазик да се прогласи за официјален.
Овој ден беше повод да размислуваме и за состојбата во која се наоѓа нашиот мајчин јазик, македонскиот. Но исто така и доволна причина да покренеме акција, достојно да го одбележиме. Тука би изразиле огромна благодарност до претставниците на Друштвото на литературни творци од нашиот град кои во повеќе наврати земаат активно учество на вакви настани преку кои се негува и развива љубовта кон мајчиниот јазик. Тие не нè изневерија и оваа година.
Преку работилница под мотото „Мајчиниот јазик - непресушна инспирација“, го величаме нашиот мајчин јазик низ стихови и тоа заедно: возрасни и деца! Ги споивме искуството и младоста!