Парламентарниот институт на Собранието на Република Северна Македонија на 20 септември 2019 година организираше работилница на тема „Детски парламент“ за учениците од IX одделение од 15 основни училишта во Република Северна Македонија. Целта на одржување на оваа едукативна активност беше приближување на работата на Собранието на Република Северна Македонија и процесот на донесување на закони до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за демократијата и ќе ги поттикне и подготви за општествена и политичка критичност и вклученост. Нашето училиште, ООУ„Блаже Конески“ Прилеп го претставуваа учениците Катерина Лашкоска, Борче Кузманоски, Михаела Наумоска, Николај Смилески и наставникот по граѓанско образование Лидија Котеска.
Со цел успешно претставување на нашето училиште како и успешна реализација на работилницата учениците и наставникот имаа подготвителен период во кој вредно се подготвуваа за поставување прашања до присутните пратеници, работеа на прибирање аргименти „за“ и „против“ понудените „измени во законот за основно образование“ како и на изработка на кеативното пано согласно утврените инструкции.
Детскиот парламент како еднодневна едукативна работилница беше составена од четири делови:
Организирана обиколка на зградата на Собранието.
Предводени од официјален водич, учениците заедно со своите наставници имаа можност да ги посетат најрепрезентативните простории во зградата. Преку оваа едукативна обиколка учесниците се запознаа со историјата и архитектурата на парламентарната зграда и со организацијата и работата на законодавниот дом.
Средба со пратеници од Собранието на Република Северна Македонија
Средбата со пратеници од различни пратенички групи во Собранието им овозможи на учениците да ги запознаат пратениците, да им поставуваат прашања и да разговараат за нивната работа и улога во демократскиот процес на Република Северна Македонија.
Ученичката Михаела Наумоска постави прашање повзано со одговорноста на пратениците при донесувањето нов закон во името на граѓаните.
Презентација на изработените креативни паноа – порака до пратеник изразена низ мисла, стих, цртеж
Пред присутните пратеници и останатите учесници на работилницата учениците имаа можност да го претстават своето училиште, да ја покажат својата креативност и нивната порака да биде слушната од страна на пратениците. Учениците од нашето училиште во своето креативно пано преку фотографии прикажаа дел од активностите на училиштето а преку личната творба „За децата “ на ученичката Катерина Лашкоска испратија порака до пратениците во која ги потсетија дека децата се иднината на нашата земја.
Игра на улоги – улога на пратеник
Централно место во работилницата имаше Детскиот парламент. Всушност се работеше за игра на улоги преку која се симулираше одржување на пленарна седница на Собранието во која во улога на пратеници се наоѓаа самите ученици. Оваа игра им даде можност на учениците да почуствуваат како е да се биде законодавец „ да влезат во чизмите на пратениците“, да дискутираат и да гласаат за одредено законско решение. Темата која беше избрана за дискусија е измена и дополнување на Законот за основно образование, при што се предвидува „замена на класичните учебници со електронски“. Во текот на расправата, учениците Николај Смилески, Борче Кузманоски понудија аргументи со кои го поддржаа но и аргументи против понуденото решение. По истекот на предвиденото време за дебата учениците- пратеници имаа право да гласаат ЗА, ПРОТИВ или да бидат ВОЗДРЖАН од гласање. Со исцрпување на собраниската расправа, „пратениците“ преминаа кон ,,гласање’’, па така со 16 гласа ЗА и 65 гласа ПРОТИВ, ,,Законот ‘’ не беше усвоен. Целта на оваа активност беше преку игра на улоги со спротивствени ставови, учениците да
го прошират своето знаење во врска со дебатирањето, при што ќе се потрудат да најдат издржани аргументи со кои ќе се поддржи или побие понуденото решение. На тој начин на учениците им се овозможи да ги развиваат своите комуникациски и реторички вештини. Учениците активно учествуваа во сите сесии од работилницата, со својата комуникативност, креативност и способност да изнесуваат аргументи успешно го претставија нашето училиште. На крајот од работилницата сосема заслужено учениците и наставникот се стекнаа со сертификати за учество на работилницата.