ВО СВЕТОТ ДЕНЕС, 21 ФЕВРУАРИ, СЕ ОДБЕЛЕЖУВА КАКО МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК, КОЈ УНЕСКО ГО ПРОГЛАСИ НА СВОЈАТА 30-ТА СЕСИЈА НА ГЕНЕРАЛНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА, ВО 1999 ГОДИНА
ВО 2000-ТА ГОДИНА ОВОЈ ДЕН БЕШЕ ПРОМОВИРАН КАКО ДЕН НА ЛИНГВИСТИЧКА И КУЛТУРНА РАЗНОВИДНОСТ И ПОВЕЌЕЈАЗИЧНОСТ
Јазикот е културно наследство во кое што се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Тој е неизбришлив дел од културната меморија на еден народ, независно од тоа дали е тој голем или мал. Од гледна точка на јазичните и естетските вредности, не постојат мали и големи јазици, мали и големи книжевности, мали и големи културни мемории! Затоа секоја јазична и книжевна практика треба да се негува како привилегија на човечката цивилизација и како неотуѓиво право на народите во светот.
Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ. Да се занемари македонскиот јазик, значи да се занемари естетиката на македонската историја, меморија и современост. Тој е неотуѓиво духовно и културно наследство на македонскиот народ, кое има научно признати импликации врз јазичното наследство на голем дел од европските народи, чиишто јазици спаѓаат во импозантниот корпус на словенските јазици и кои, од IX-от век наваму, се кодифицирани врз говорите на Македонците од солунскиот регион. Од тој период црковнословенскиот јазик кој има неоспорна македонска генеза, спаѓа – покрај хебрејскиот, старогрчкиот и латинскиот – меѓу четирите јазици на светот на коишто официјално се ширело христијанството, се преведувале светите книги и се пишувале нови книжевни дела. Па така, колку и да е навидум мал македонскиот јазик, неговата улога во развојот на европската цивилизација е голема.
Во контекст на горенаведеното, Константин Филозоф ќе каже:
„Јазикот на еден народ е негово духовно богатство, без него човек ќе остане при очи слеп, при уши глув и при разум прост“
Нам нù останува во завет задачата да го чуваме и негуваме нашето ЈАС- јазикот!
Јазикот наш македонски
Македонскиот јазик е бескрајно вреден
Вредноста негова е
поголема од езерото мирно,
поголема и од небото ширно.
Родениот јазик е како бисер сјаен,
со него зборови се нижат,
мисли јасни и точни
човек со човека го ближат!
Учи најнапред книга на свој јазик,
па потоа туѓите редум.
И чувај го мајчиниот јазик
Како куќата, како домот, како сказните на дедо!
Лука Кочоски V-3 одд.
Ментор: Борка Попова