По повод одбележувањето на Денот на здравата храна, во училницата на учениците од второ-4 одделение се одржа едукативна и интерактивна работилница. Во организацијата и реализацијата на оваа активност, покрај учениците, активно учествуваа и стручните соработници и асистентот, со цел секое дете да биде вклучено во процесот на учење преку игра. Главната цел на работилницата беше децата на забавен начин да ги научат придобивките од правилната исхрана и да разберат зошто овошјето и зеленчукот се неопходни за нивниот раст и здравје.
За потребите на активноста, учениците беа поделени во три тима: Тим Овошје, Тим Зеленчук и Тим Хамбургер. Главниот предизвик со кој се соочија тимовите беше броењето на витамините кои ги содржи храната што тие ја претставуваат. Преку интересни прашања и задачи, учениците откриваа кои намирници изобилуваат со витамини како што се витаминот Ц, А, Б-комплекс и други хранливи состојки важни за зајакнување на имунитетот и добивање енергија.
По завршувањето на сите задачи и пребројувањето на бодовите, Тимот Овошје и Тимот Зеленчук освоија еднаков и максимален број на витамини, со што заслужено и рамноправно ја однесоа победата во натпреварот. Од друга страна, Тимот Хамбургер остана со 0 поени, бидејќи брзата храна не содржи витамини кои му помагаат на телото да расте здраво и силно.
Преку овој сликовит пример, учениците од второ-4 одделение донесоа заеднички заклучок дека овошјето и зеленчукот се вистинската здрава храна која треба да биде дел од нивното секојдневно мени, додека брзата храна нема хранлива вредност. Работилницата помина во весела, натпреварувачка и позитивна атмосфера, оставајќи силен впечаток кај учениците за важноста на здравите прехранбени навики.
Галерија.



