Заврши уште една учебна година, крајот на едно поглавје од скалилата по кои се искачувате. Отворате друга, нова врата од вашиот живот која ве внесува во најубавиот период од вашето детство. Период кога почнувате да созревате, период кога доаѓате на границата помеѓу детето и возрасниот човек. Се раѓаат првите љубови, провејуваат прашањата како понатаму, дали сум на вистинскиот пат.
Нашата мисија како наставнички тим тука завршува, заеднички се искачувавме по деветте скалила, заедно се радувавме на сите ваши успеси затоа што тоа беа и наши успеси, но и подеднакво тагувавме со вас. Секој од нас на различен начин остави белег на вашата личност. Сето тоа беше добронамерно сакајќи да ве збогатиме со знаења, да ве подготвиме што побезболно да влезете во светот на возрасните. Тука се разделуваат нашите патишта, нашата мисија продолжува понатаму, повторно да изградиме ваква успешна генерација како вашата.
Сакаме само да ви посакаме да останете доследни на вашиот сон, не само да го сонувате туку и да го живеете. Силно да верувате во себе како што веруваме ние во вас. Трасирајте го патот, не одете по пат кој некој веќе пред вас го изодил, одете таму каде што нема патека и оставете своја трага. Нека не ве колебаат искушенијата, нека ве направат посилни затоа што не е важно колку пати ќе паднете, туку како ќе станете и како ќе се исправите. Успехот не доаѓа сам, вие мора да одите кон него. Затоа цврсто и одлучно чекорете напред!