Богатството на еден народ е неговото културно наследство, а ние имаме аманет да го чуваме и негуваме. Денес тргнавме во посета на институции и споменици во Прилеп со цел да се запознаат учениците со музичкото – фолклорно и културно наследство на нашиот град. Македонците преку песна ги искажувале своите маки и радости тоа народно творештво долго усно се пренесувало од колено на колено.
Учениците од VI -3 одд. од ООУ„Блаже Конески“ реализираа едукативна и интегрирана посета во соработка помеѓу предметите Музичко образование со наставничката Маја Кузманоски и Македонски јазик со наставничката Виолета Христоска. Целта на посетата беше учениците да се запознаат со музичкото, фолклорното и културното наследство на нашиот град, како и да ја согледаат поврзаноста помеѓу музиката, традицијата и јазикот.
За почетоците на музичката „писменост “ во Прилеп во Музејот има музичка поставка т.н музичка соба посветена на познати музички имиња од Прилеп. Преку експонатите и излагањето на кустосот учениците се запознаа со развојот на музичката уметност. При тоа слушнаа мелодии од познати музичари кои оставиле значаен белег во музичката култура на градот. Низ разговор се запознаа со важноста од чувувањето на културното наследство и традицијата.
Ако во музејот се чува, каде се негува музиката и традицијата? Патот води во Музичкото училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ каде директорката Мартина Пашоска со помош на наставниците ни овозможија учениците непосредно да се запознаат со различни музички инструменти, нивниот звук и начин на изведување. Посебно внимание беше посветено на фолклорот и традиционалната музика, при што учениците слушаа информации за улогата на музиката во македонската традиција. Голема благодарност за одвоеното време и споделените искуства.
Потоа го посетивме споменикот на Пеце Атанасоски пред кој наставничката Маја Кузманоски презентираше податоци за неговиот живот и фестивалот на народни музички инструменти и песни Пеце Атанасоски, кој се одржува во Долнени.
Овој интегриран ден го завршивме со посета на камената бина каде наставничката Виолета Христоска ги потсети учениците дека кон сите објекти, споменици, настани треба да се однесуваме одговорно. Да ја чуваме и негуваме традицијата, фолклорот, јазикот бидејќи тие се обележје на еден народ.
Преку оваа интегрирана активност се поттикна љубовта кон културното наследство, традицијата и уметноста, како и развивање на почит кон вредностите на нашиот град и држава. Посетата беше успешно реализирана и претставуваше значајно и интересно искуство за учениците.
Галерија.



