И оваа учебна година иако наставата се одвива комбинирано, настава на далечина и настава со физичко присуство, учениците од нашето основно училиште „Блаже Конески“ Прилеп се вклучија во реализација на активности за поттикнување на демократската клима во училиштето. Сите наши активности во Отвореиот ден за граѓанско образование имаа за цел поттикнување на чувството на одговорност помеѓу учениците за состојбите и условите во училиштето и заедницата и зајакнување на ученичката иницијативност за преземање активности за позитивна промена.
Нашите ученици со своите иницијативи ја покажаа својата одговорност како активни чинители на заедницата. Покажаа дека учењето не се одвива само во училница и од книга и дека граѓанските компетенции на учениците се градат уште од мали нозе.
Во реализацијата на своите иницијативи и идеи учениците имаа огромна поддршка од директорот на училиштето Ангелка Баракоска, стручните соработници Биљана Ефремоска и Жаклина Гегоска, родителите, како и тимот на наставници Наташа Ристеска Проданоска, Лидија Котеска, Весна Арсиќ, Павлинче Ристеска Темелкоска, Виолета Христоска, Емилија Ритеска, Петар Андоноски, Фанија Макешоска.
Учениците вредно работеа своите знаења по различни наставни предмети да ги применат и да практикуваат однесување кое значи активно ангажирање со поддршка на возрасните во подобрување на состојбите во училиштето и заедницата.
Ученичкиот парламент при ООУ „Блаже Конески “ од Прилеп согледа дека пандемијата предизвикана од Ковид-19 може сериозно да го наруши ментално здравје на учениците. Заедно подготвија презентација со многу совети за прифаќање на позитивната страна на животот, реалноста на желбите, можностите и пријателството.
Учениците од седмо одделение покренаа ученичка иницијатива за подигнување на свеста кај децата за внимателност при употреба на социјалните мрежи. Направија истражување преку интернет, споделување на видео пораки и PowerPoint презентација во која укажаа на позитивните и негативните аспекти од употребата на социјалните мрежи како и внимателност при нивна употреба.
Учениците од паралелката 8-5 подготвија презентација „За наше добро–училиште од нашите соништа“ во која ги претставија своите индивидуални препораки за подобрување на учлишната средина како и еко пораки за здрава и чиста животна средина.
Учениците од паралелката 8-2 изработија презентација на тема „Сите сме еднакви“ во која уште еднаш потсетија на борбата против дискриминација, потребата да им се помогне на децата со посебни потреби. Посебно внимание посветија на правото на секое дете да го изрази своето мислење за сите прашања кои се во врска со неговиот живот, да покренува иницијативи и со помош на возрасните да учествува во донесувањето одлуки што се битни за неговиот раст и развој.
Учениците од паралеката 9-5 својата иницијатива за „Чист и уреден училишен двор“ ја претставија преку презентација во која ја споделија својата желба веднаш по престанувањето на пандемијата да организираат еко училишен ден за уредување на училишната средина.
Учениците кои посетуваат додатна настава по граѓанско образование ги искористија своите стекнати знаења за дебатата како начин на критичко мислење и изразување на своите ставови, покренаа иницијатива за онлајн дебата. Двата тима на ученици ги споделија своите различни ставови за тоа дали е подобра наставата со физичко присуство или онлајн наставата. Како резултат на своите истражувања, но и сопственото искуство учениците констатираа дека и двата начини имаат свои предности и свои негативни страни. Заеднички заклучок е дека учењето е „патоказ за иднината“, без знаење нема можност за обезбедување добар живот и порачаа дека ако се сака може да се постигне успех и со двата начини на учење.
Учениците од паралелката 9-3 подготвија видео пораки во кои говорат дека демократијата ја разбираат како поврзаност на правата и одговорностите, улогата и взаемната поврзаност на сите чинители во градењето и подобрувањето на демократската клима во училиштето и во заедницата.
Уште од почетокот на учебната година Ученичкиот парламент, ученичкиот правобранител заедно со нивните координатори психологот, педагогот и директорот внимателно ги следеа актуелните случувања и секогаш сакаа да го слушнат мислењето на учениците и родителите. Затоа реализираа анонимни анкети за онлајн наставата со учениците и со родителите. Резултатите од анализата на анкетите ќе ви ги презентира претставник на Ученичкиот парламент.
Учениците од паралелката 7-1 изработија интересно кратко видео во кое секој на свој начин согласно своите можности се обиде да ги претстави детските права и одговорности преку анимација, цртеж, песна, фотографија.
Најмалите ученици од паралелката 3-3 кои наставата ја посетуваат со физичко присуство покренаа иницијатива да ги потсетат сите ученици за поврзаноста на правата и одговорностите. Нивните пораки во креативното видео ќе останат како потсетник за сегашните и идните генерации.
Ви благодариме за вниманието со кое го следевте вклучувањето на целото наше училиште во промоција на граѓанските вредности и практикување на демократско однесување.